Марек Шинделка за „Мапата на Ана“
Во новите текстови се трудев да ја опишам денешната реалност или, всушност, сите различни реалности во кои живееме. Тој посебен став кога на Фејсбук можеме да си направиме десет различни профили и на секој да играме различна игра, што повратно, пак се отсликува во реалноста. Среќаваме толку луѓе, комуницираме со нив на толку начини и ништо од тоа не мора да го сфаќаме сериозно. Својата реалност можеме да ја градиме како да е од лего коцки. Истовремено во сета таа слобода сме, парадоксално, страшно подложни во преземањето на туѓа животна стратегија.
Во „Мапата на Ана“ тоа е прикажано како пример преку главниот лик. Таму се опишани сите потешкотии при нејзиното созревање во светот и за тоа како презема и автоматски повторува одредени модели на однесување на другите луѓе. Нејзините родители, а подоцна и нејзините партнери во неа ќе вовлечат многу сопствени проблеми со кои таа воопшто не треба да се справува. Потоа ѝ треба многу време додека да се ослободи од тој товар, пред да ги напушти сите маски и тактики и да се пронајде себе.
Марек Шинделка за „Останете со нас“
Носечкиот расказ Останете со нас зборува за врска која запаѓа во некаква инертност, партнерите сè уште разговараат, но, всушност, веќе не се забележуваат. Како да молчат. Во нивниот случај јазикот ја изгубил комуникативната функција, околу себе создале јазична бариера со која меѓусебно се штитат и не се подготвени да ја надминат. Моите текстови во голема мера се за игрите што луѓето се навикнале да ги играат. И иако тие игри се сурови, честопати не се подготвени да ги сопрат или да ги сменат во нешто посуштинско.
Затоа мојата книга се вика „Останете со нас“, тоа е двосмислен наслов. Потребен ни е друг човек за да се видиме себе. Сепак, често се гледаме прикриено и нашата врска потоа е несреќна зависност која не води кон ништо добро.