Д-р Катерина Велјановска е родена на 18.02.1962 година во Скопје, каде што го завршува основното и средното образование. По матурирањето, се запишува на Групата македонски јазик и јужнословенски јазици. По дипломирањето во 1984 година, се вработува на Филолошкиот факултет и ги поминува сите скалила (од стажант, помлад асистент, асистент, доцент, вонреден професор до редовен професор). Магистрирала на темата под наслов „Лексиката во делата на Ѓорѓи Абаџиев“, а докторирала на темата „Фразеолошките изрази во македонскиот јазик (со посебен осврт на соматската фразеологија)“. Нејзин посебен интерес се прашања од полето на фразеологијата на македонскиот јазик.
Во изминатиот период ја изведува наставата по предметите Македонски јазик, Лексикологија на МЈ, Лексикологија со фразеологија на МЈ и Фра-зеологија на МЈ на матичниот Факултет. Неколку години од областа на современиот македонски јазик предавала и на Филозофскиот факултет, на Природно-математичкиот и на Правниот факултет (Група новинарство).
Предавала македонски јазик на Карловиот Универзитет во Прага (1989-1991) и на Универзитетот во Љубљана (1999-2001). Преку програмата CEЕPUS, на покана на Филозофскиот факултет во Братислава, Словачка, одржа циклус предавања од областа на македонската фразеологија во 2017 и во 2024 година.
Била раководител на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и и раководител на Постдипломските студии по македонски јазик (2008-2010).
Автор и коавтор е на четири монографии, како и на повеќе статии. Учес-ник е на повеќе домашни и меѓународни конференции, уредник на повеќе зборници од научни конференции, член на редакциски одбори, како и рецензент на неколку монографии.
Добитник е на наградата „Зборот на Конески“ за зачувување и продолжување на ликот и делото на Блаже Конески за 2025 година што ја доделува Културниот и едукативниот центар „Небрегово“.