Публикацијата „Македонска зоонимска фразеологија во словенски контекст“ содржи вовед, пет поглавја, индекс на зоонимски фраземи и користена литература.
Во воведот се дефинираат клучните термини што се применуваат во истражувањето: зоологија како гранка на биологијата, зооним, зоонимски фраземи. Понатаму, се прецизираат корпусот и изворите на ексцерпираните примери.
Првото поглавје, со наслов Човекот во зоонимската фразеологија, е посветено на разгледување на претставата за човекот што се гради преку зоонимските фраземи, при што се опфатени категориите: надворешен изглед, интелектуални способности, меѓучовечки односи, како и позитивни и негативни карактерни особини. Анализата се темели на материјал од македонскиот јазик и/или компаративен преглед со други словенски јазици.
Во второто поглавје вниманието е насочено кон одделни зооними во составот на фразеолошките единици, при што подетално се разгледува симболиката и метафориката на мачката, кучето, змијата и волкот.
Во третото поглавје фокусот е ставен на концептуализацијата на емоциите во зоонимската фразеологија. Истражувањето на емоционалната сфера нуди особено плодна перспектива за разбирање на специфичните карактеристики на поединечните емоции, имајќи предвид дека тие не се директно достапни на човековата перцепција, туку се разбираат преку прототипни надворешни манифестации, а во јазикот се концептуализирани преку карактеристични метонимиски и метафорички модели.
Четвртото поглавје ги разгледува зоонимите во релација со основните концепти како време и боја и се прави анализа на нивните симболички конотации во рамките на различните јазични традиции. Посебно внимание се посветува на тоа како одредени животни се поврзуваат со специфични временски периоди или природни појави (на пр. делови од денот, годишни времиња, метеоролошки услови) и како тие асоцијации се рефлектираат во фразеолошкиот фонд. Исто така, се истражува симболиката на боите со акцент на тоа како бојата на животното влијае врз семантиката и експресивноста на фраземите.
Петтото поглавје е посветено на зоонимските фраземи во различни жанрови како што се, на пример, клетвите и гатанките. Во рамките на оваа анализа, се разгледуваат и зоонимски фраземи кои содржат архаични лексеми од аспект на нивната употреба во оригинал или замена со зооним од современиот јазик.
На крајот на книгата се приложени индексот на анализираните зоонимски фраземи и списокот на користена литература.
Македонска зоонимска фразеологија во словенски контекст
800 ден
Овој труд е резултат на повеќегодишниот интерес на Велјановска и Мирчевска-Бошева насочен кон темата на зоонимите како составна компонента во фразеолошките единици, тема која досега не е подетално обработена во македонскиот јазик. Оваа монографија содржи теоретски разработки на одделни сегменти од зоонимската фразеологија.
| Автор | |
|---|---|
| Број на страни | 190 |
| Димензии | 230×160 |
| Жанр | |
| Издание | |
| Корица | Мека |


