Дали навистина некој е сам – или сите сме сами на свој начин?
Вероника има работа што ја исполнува, сопруг кој ја разбира и две тинејџерски деца со кои нема поголеми проблеми. Со родителите не е во најдобри односи, но држи безбедна оддалеченост. Сѐ изгледа стабилно – сѐ додека смртта на мајка ѝ не ја разниша кревката рамнотежа и не ја натера да ја преиспита сопствената слика за среќен живот.
Со својот препознатлив стил, Петра Соукупова мајсторски ја прикажува секојдневицата – неделен ручек, семејна прошетка или погреб – како тивка, но беспоштедна војна, во која никој не излегува победник.
Нов роман од Соукупова – искрен, продорен и болен до препознавање.
Извадок:
Додека ми се прави кафето, пијам витамин за имунитет, магнезиум, калциум, апче за проширени вени и едно за зглобовите. Во кафето ставам слатка павлака, онаа најмасната, иако не би требало, другите кафиња во текот на денот ги пијам само со млеко, ама првото — секогаш со слатка павлака. Седам во кујната, пијам кафе и гледам во дрвото во внатрешниот двор, размислувам што ме чека денес на работа, погледнувам во термометарот и според тоа ќе одлучам што да облечам. Размислувам и што да зготвам за вечера, па проверувам дали имам сè дома или ќе треба нешто да купам.








