Телото на млада жена е пронајдено во црква во Штјепанов, во близина на Оломоуц, со што се добива впечаток дека таа била жртва на чуден ритуал. Во текот на разоткривањето на мистеријата, во која се вклучени локален свештеник, орнитолог-заводник и пореметен псевдопознавач на религиозни секти, инспекторката Марија Бувова се движи помеѓу типично моравско село населено со чудни ликови и Универзитетот во Оломоуц. Во меѓувреме, бројот на загинати расте, но расте и бројот на осомничени…
Извадок:
„Не сакам да ги употребувам овие аргументи против тебе, Марија, ама сети се кој е тука шеф.“
„А ти размисли кој го води случајов. Затоа што ако сакаш јас да го најдам сторителот, тогаш ќе го најдам со примена на мои методи. А ако сакаш да го водиш случајот ти, во ред, јас ќе поминам и без ова убиство. И уште, Викторе, само уште еднаш пробај да употребиш реченица со подреденост кон мене и тоа ќе ти биде последно што ќе го изговориш пред да дадам отказ.“