Таа е медицинска сестра, а тој сè уште е скоро дете. Се среќаваат на урнатините на своите животи, на урнатините на стариот свет, на урнатините на една болница, во која продира новиот свет исто како нишките на ползавците од плевелот. Веројатно, подобро нема ни да биде. Но, што ако не е така? Ако сепак биде подобро?
На ист начин како во прославениот роман Езеро (за кој авторката е добитничка на наградата Магнезија литера за книга на годината и наградата за литература на Европската унија) и во романот Мона Бјанка Белова на маестрален начин ја опишува тешката и напнатата атмосфера на моментот во кој човек треба да донесе одлука.
Таа во своите романи има тенденција да го шокира читателот, да го изненади и да го натера да ја погледне реалноста во очи.
Извадок:
„Знаеш што сонував?!“ се наведна таа над Адам. Челото му е оросено со пот, во собата веќе сосема се сменил составот, никого друг не познава. „Сонував дека си ми напишал песна!“
Адам се насмеа уште пред да ги отвори очите. „Дали е ова таа луда жена?“ праша тој.
„Сонував дека си ми напишал песна,“ повтори Мона. „Беше на црвена хартија. Во моментот кога ја зедов за да ја прочитам, хартијата ми се распадна во рацете и јас се разбудив. Беше некако… Што ми имаше напишано?!“
Адам ги отвори очите и без размислување одговори:„Дека ми недостасуваш. Дека ми недостасува твоето раскажување. Колку убаво мирисаш. Тие твои раце. Дека се надевам дека си добро и дека убаво си го поминала денот на цвеќињата. Дека се надевам дека си го добила најголемиот букет цвеќе.“